Австралиската тенисерка со српско потекло, Јелена Докиќ подолго време крева многу бучава околу нејзината автобиографија „Нескршлива“, во која откри многу страшни детали од односите со нејзиниот татко и борбата со депресијата.
Сега, во интервју за „Билд“, таа открива дека била на чекор од самоубиство.
„Живеев во Монте Карло на 20-ти кат до 2007 година. Излегов на терасата, застанав на работ и навистина сакав да скокнам“, објаснува Докиќ.
Нејзе во последен момент ја разубедил близок пријател кој ги познавал нејзините маки. Докиќ открива дека десет години страдала од депресија и тоа сè поради проблемите со нејзиниот татко Дамир.
„Ме злоставуваше од мојата шеста година. Петнаесет години ме мачеше физички, а вербално повеќе од 20. Ме нарекуваше курва, крава, и тоа навистина ме болеше. Ја губиш самодовербата и мислиш дека си безвреден. Зборував за удирањето, за плукањето, тоа се случуваше секојдневно и тоа по победите“, објаснува Докиќ.
Во 2002 година, Докиќ беше четврта на ВТА листата, а во кариерата освои шест ВТА трофеи, стигна до полуфиналето на Вимблдон и заработи повеќе од 4.5 милиони долари од тенисот.
„Две години воопшто не разговарав со татко ми. Тој уште верува дека не правел ништо лошо“, завршува Докиќ.