Проблематичниот Самир Насри најверојатно ќе добие отказ од Андерлехт откако по почетокот на кризата поради корона вирусот ги одбивал сите контакти со белгискиот клуб.
Поранешниот фудбалер на Арсенал и Манчестер сити одлетал за Дубаи на стартот на карантинот поради корона вирусот, и оттогаш не е во контакт со својот клуб, тврди белгискиот весник „Дерниер ор“. Андерлехт побарале од сите фудбалери да ги информираат за својата локација и за тренинзите.
Насри, кој претходно отслужи 18-месечна суспензија поради нелегална трансфузија во Лос Анџелес додека беше позајмен на Севилја како фудбалер на Сити, имаше само осум настапи со Андерлехт, откако повторно не успеа да ја врати физичката форма.
Тој доби „услуга“ од неговиот поранешен соиграч од Сити, Винсен Компани, кој минатото лето му обезбеди договор во Андерлехт откако Вест хем се откажаа од неговите услуги по половина сезона.