Поранешниот тренер на Вардар, а сегашен прв човек на ППД Загреб, Веселин Вујовиќ во изјава за хрватскиот портал „Индекс“ вели дека знаел дека Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе направи „глупост“ со одлуките за продолжување на сезоната.
ЕХФ ги поништи сите бараж-натпревари за Светското првенство во Египет во 2021, со што на пример Македонија нема да има шанса да се бори со Франција за место на мундијалот, а исто така се поништија и мечевите од осминафиналето и четврт-финалето на Лигата на шампионите, со што Вардар нема да има шанса да ја одбрани титулата, бидејќи Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем директно се квалификуваат за Фајнал фор турнирот во декември. Вујовиќ смета дека се работи за погрешна одлука.
„Историјата покажа дека речиси никогаш досега првопласираните тимови не стигнувале до фајнал форот и секогаш имало изненадувања. Тоа е апсурдна одлука, бидејќи до Ф4 многу ракометари ќе ги сменат тимовите. Сагосен се избори за првото место на табелата со ПСЖ, а на Ф4 ќе игра за Кил, и тоа нема врска со здравиот разум. Додуша, и претходно кажав дека од ЕХФ очекувам некоја глупава одлука. Се работи со декрет, без право за жалба. Тимовите или репрезентациите кои вложуваа сега немаат шанси да изборат пласман“, вели Вујовиќ.
ЕХФ пресече: Македонија не оди на СП, Вардар ја предава европската титула без борба!