Документарниот филм „Последниот танц“ посветен на Мајкл Џордан предизвика огромно внимание во светски рамки. Филмот покрена прашање зошто двајцата најдобри играчи од славната генерација на Чикаго Булс, Мајкл Џордан и Скоти Пипен покажувале толкава омраза кон хрватскиот колега во екипата, Тони Кукоч.
„Никој не поминал низ она низ кое помина Тони. Тука мислам на притисокот од Џордан и Пипен. Тие воопшто не го сакаа затоа што сметаа дека тој е човек на Џери Краус (генералниот менаџер на Булси). Тој само сакаше да игра“ изјави Стив Кер за „ЕСПН“.
Краус го избра Кукоч уште во 1990 година, на НБА драфтот, но го убеди да дојде во НБА дури 3 години подоцна.
„Сакав да го разбијам, да го понижам, не можам да играм против Краус, но тоа што не можев против него, ќе му го правам на `овој неговиот`“ – изјави своевремено Скоти Пипен.
Кукоч пак тогаш немал поим дека Џордан и Пипен му работат `зад грб`.
„Немав поим дека Мајкл Џордан и Скоти Пипен толку многу ме мразат, па дури потоа дознав дека се карале кој да ме чува. Кога продуцентите на документарниот филм за `Дрим тимот` ме прашаа дали тоа сум го знаел, им реков `Не, не знаев, но благодарам што ми го кажавте ова по две децении`. Сепак, можам да се пофалам дека на ниеден од ривалите на `Тимот на соништата` не му било посветено толкаво внимание“ – рече со насмевка Тони Кукоч.