Сер Алекс Фергусон направил исправна одлука кога го продал Дејвид Бекам на Реал Мадрид, смета неговиот поранешен соиграч Рајан Гигс, велејќи дека било невозможно да се продолжи со него во клубот.
Фергусон беше познат по тоа што не трпеше многу конфликти со своите фудбалери и ги продаваше без разлика на формата доколку му застанеа на пат, како што покажува случајот на Дејвид Бекам, но и на Руд ван Нистелрој, Јап Стам, Рој Кин… Бекам во 2003 година замина за „кралскиот клуб“ на 28 години за солидни 25 милиони фунти.
„Мислам дека повеќето пати Фергусон одлучуваше да продаде некој поради фудбалски причини. Но, Дејвид Бекам стануваше проблем за тимот, се расправаше секоја втора недела со него и беше време нешто да се направи“, вели Гигс.
Бекам имаше успешни четири години во Мадрид, по што играше и за Лос Анџелес галакси, Милан и ПСЖ, додека Јунајтед бргу најдоа замена за него во Кристијано Роналдо. Гигс, од друга страна, го избегна бесот на Фергусон, завршувајќи ја кариерата со Јунатјед, иако признава дека во истиот период и тој бил блиску до заминување.
„Во 2003, 2004, немав најдобар старт на сезоната и тоа беше најблиску што сум бил до излез од клубот. Не бев во добра форма и тоа беше периодот на транзиција од ’летечко’ крило до повеќе внатрешна улога на теренот. Ја загубив брзината, иако Фергусон никогаш не ми го призна тоа“, вели Гигс.