Карло Анчелоти по отказот кој го доби во минхенски Баерн ќе одмора до јуни, односно до крајот на сезоната. На местото на италијанецот во Баерн се врати Јуп Хајнкес.
„Баерн Минхен е минато. Да се добие отказ е дел од тренерската работа. За 22 години секогаш сум бил во добри односи со ихрачите кои сум ги тренирал. Секогаш сум ги почитувал играчите, така се однесував и во Баерн“, изјавил за италијанските медиуми Анчелоти.
Тој без работа остана по поразот од ПСЖ во Лигата на шампионите, откако претходно во првенството неговиот тим против Волфсбург испушти предност од два гола на домашен терен.
„Дали играчите беа против мене? Не знам, но јас како тренер морам да изберам 11 играчи кои ќе истрчат на теренот и седуммина кои ќе седат на клупата. На играчите е да ги прифатат таквите одлуки, а клубот треба да ги поддржи одлуките на тренерот. Авантурата е готова, некоја друга ќе започне на друго место. Сега сум на одмор 10 месеци, се до јуни. Нема да се вратам пред јуни“, дополнил Анчелоти.
Карло Анчелоти смета дека Италија има доволно силен тим за да избори пласман на Мундијалот во Русија, а селектор на репрезентацијата би станал дури откако ќе му мине желбата секојдневно да тренира еден тим.