Најтрофејниот европски тренер, Жељко Обрадовиќ, уште еднаш ја поддржа Евролигата, која не им дозволува на играчите да настапуваат за своите репрезентации во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2019 година.
Тренерот на актуелниот европски шампион тврди дека ставот на Евролигата е правилен, особено поради фактот што НБА лигата воопшто не сака да разговара со ФИБА.
„Дали НБА играчите ќе играат за своите репрезентации? Не. Проблемот постои само на релацијата помеѓу НБА и ФИБА, а не на релација Евролига-ФИБА. Главниот проблем е НБА бидејќи тие воопшто не сакаат да разговараат. Сега целиот притисок е врз кошаркарите кои мора да направат избор. Во НБА играат 75 кошаркари од Европа и никој нема да настапи за националниот тим. Тоа е доказ дека Евролигата не е проблем“, рекол Обрадовиќ.
До почетокот на квалификациите за Светското првенство има уште еден месец, а ФИБА и Евролигата не ги усогласија термините, што значи дека на 24 ноември кошаркарите ќе треба да решат дали ќе играат за клубовите или за националните тимови.