Членот на стручниот штаб на фудбалската репрезентација на Србија, Зоран Филиповиќ, за португалскиот весник „О Жого“ открил дека младиот голман на Бенфика, Миле Свилар, би можел да биде добар избор дури и за Мундијалот во Русија. Условот секако е Свилар дресот на младата репрезентација на Белгија да го замени со дресот на Србија.
Миле Свилар во вторникот вечерта испиша историја во Лигата на шампионите откако го сруши рекордот на Икер Касиљас и стана најмладиот голман кој бранел во елитното натпреварување.
Свилар дебитираше со 18 години, еден месец и 22 дена, деновиве е тема во португалските, белгиските и српските медиуми.
Ова момче е родено во Антверпен, но има српски корени, а настапува за младата селекција на Белгија. Тој е син на поранешниот голман на Војводина и Антверпен, Ратко Свилар.
„Заинтересирани сме за Свилар.Тој е талентиран и може да донесе квалитет во нашите селекции. Доколку продолжи да брани за Бенфика тој би можел да биде добар избор дури и за Светското првенство во Русија. Тој не се само голман за во иднина, тој може да биде голман и за сегашноста. Многу е млад, но млад беше и Витор Баија, па стана многу успешен. Разговаравме со Бенфика, а наскоро патуваме во Португалија и да разговараме и со неговите родители. Сакаме да го убедиме да игра за Србија, поради не смееме да го трошиме времето. Би било добро ако можеме да ѝ го ‘украдеме’ на Белгија“, рекол Зоран Филиповиќ.
Инаку, Свилар немаше деби од сништата бидејќи поради своето неискуство лошо го процени летот на една нафрлена топка и со неа влезе во голот. Токму тој гол беше единствен на мечот со кој Манчестер Јунајтед ја победи Бенфика.