Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо вели дека боли да гледа како се играат мечеви во Бундеслигата додека англискиот фудбал останува суспендиран поради корона вирусот.
Бундеслигата се рестартираше на 16 мај, а блиску е и враќањето во Португалија и Шпанија, додека Премиер лигата полека се движи кон враќање, откако денеска се даде одобрување да се продолжи со тренинзи со контакт со можност за враќање во средината на јуни.
„Навистина боли да се гледа како другите земји играат фудбал, а ние не. Секогаш се обидував да ги направам моите фудбалери среќни што играат за Божиќ, бидејќи им даваат на луѓето радост во период кога никој не игра. Во моментов, работите се обратни – тие играат, ние не. Но, верувам во властите и во рестартот на Премиер лигата“, вели Мурињо за „Скај спортс“.
Паузата барем за нешто беше добра во Тотенхем, откако повредените Хери Кејн, Сон Хеунг-Мин, Муса Сисоко и Стивен Бергвајн добија шанса да се опорават. Тотенхем се само осми во лигата со четири поени од местата кои носат во Европа.
„Не можам да кажам дека во моментов се подготвени да играат, но ниту еден од нив не е повреден. Тие тренираат со ограничувања и се чувствуваат добро“, додава Мурињо.