Ракометарот на Рајн-Некар Левен, Филип Талески е еден од македонските репрезентативци кој во иднина ќе треба да ја преземе одговорноста и да биде еден од столбовите на тимот.
По крајот на ЕП во Хрватска, тој вели дека е потребно да се „научат“ лекциите и искуството да се пренесе во подобра игра на следните големи натпреварувања.
„За нас помладите во репрезентацијата ова е непроценливо искуство. Искрено, не се надевавме дека по првата рунда ќе бидеме на првата позиција како лидери, но тогаш покажавме дека можеме да се ‘носиме’ со репрезентации како Словенија и Германија. Кога дојдовме во Вараждин, како среќата да ни го сврте грбот. Кире се повреди, поразот од Шпанија можеме да го оставиме како лош ден, но потоа дојде несреќниот пораз од Чешка, кој не требаше да го дозволиме. Денеска одигравме максимално, но јасно е дека не можеме да се бориме до крај. Тоа треба да биде првата главна лекција, дека ракометот се игра 60 минути и дека мораме да издржиме до крај“, изјави 22- годишниот Талески.