Селекторот на хватската ракометна репрезентација, Лино Червар, по неуспехот на Европското првенство, кое в недела ќе заврши во Загреб, попладнево одржа прес конфереција, на која помалку и изненадувачки потенцираше дека борбата за петтото место не е неуспех за репрезентацијата.
„Размислувањето дека ова е неуспех е провокативно. Јас не сакам лаги, мислам дека силен тим е оној кој е свесен за своите слабости! Јасно ни е како стоиме! Франција е подобра од нас, во овој момент за да ги победиме треба да дадеме 130 отсто од своите можности“, рекол Червар и потоа малку „удри“ и по судиите дека грешеле во финишот.
„Влеговм во нашата игра, малку брзавме, влетавме во стапица, емоциите преовладаа над разумот и примивме неколку лесни гола. Ние во 53.минута имавме минус, а тогаш се случи ситуација кога судиите не го досудија она што требаше да го судат. Не добивме „ветер во грб“, веројатно сме првите домаќини на првенствата кои не го добиле тоа“.
Червар кој се уште се води како прв тренер на Металург не е сигурен дали и понатаму ќе остане на клупата на Хрватска.
„Морам да се повлечам во семејниот мир, морам да се преиспитем во кругот на семејството. Верувајте дека со 165 настапи се обидов да дадам се. Поради тоа оставете ми малку мир. Но знајте дека секогаш ќе бидам со репрезентацијата. Ни треба селектор кој нема да седи на две столици, кој ќе и биде посветен само на репрезентацијата“, рекол Червар.