Top Sport

Барнс: Јунајтед живеат на „стара слава“, исто како Ливерпул пред нив

Поранешната ѕвезда на Ливерпул, Џон Барнс вели дека има огромна сличност помеѓу сегашната ситуација кај Манчестер јунајтед и таа која тој ја искуси на „Енфилд“, оценувајќи дека „ѓаволите“ сега живеат на „стара слава“.

Барнс, кој дојде во Ливерпул во 1987 година беше дел од последниот состав на Ливерпул кој ја освои титулата во 1990 година, по што според него паднале стандардите во клубот и се дозволило Манчестер јунајтед да ја почне славната ера со Сер Алекс Фергусон.

Но, по повлекувањето на Ферги во 2013 година, работите се сменија, и Барнс вели дека тоа е бидејќи многу фудбалери сметаат дека само да играат за Јунајтед е доволно, наместо да имаат глад за титули.

„Гледам огромна сличност помеѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул. Кога јас дојдов во Ливерпул, тие беа успешен тим и имаше барање за победи и тоа беше најважно без разлика што имаа ѕвезди како Јан Раш и Кени Далглиш. Одеднаш, дојдоа Јунајтед во раните 90-ти и работите се сменија. Ако ги погледнете фудбалерите по 1992-1993, ќе кажете дека Ливерпул е голем клуб, но со играчи кои беа само среќни да бидат таму без одговорност за победи. И покрај тоа што бевме трети или четврти, бевме фудбалери на Ливерпул и поголеми од 99 отсто тимови, иако тие беа пред нас. Со Јунајтед, дури и кога Манчестер сити почнаа да победуваат, тие беа поголемиот клуб и фудбалерите беа среќни да бидат таму бе одоговорност. Тотенхем да завршеше пред нив, сепак, тие ќе беа поголем клуб“, вели Барнс.

Scroll to Top