Формула 1 тимовите Форс Индија и Заубер очигледно им веруваат на новите сопственици на Ф1, „Либерти медија“, откако решија да ја повлечат жалбата до Европската комисија за правилата кои спречуваат еднакво натпреварување во спортот.
Двата приватни тимови се пожалија до ЕК уште во 2015 година, пред „Либерти“ да ја презеде контролата на спортот од „ЦВЦ Капитал партнерс“ и да го „шутнат“ Берни Еклстоун. Тие тврдеа дека спортот кој вреди милијарди ги прекршува правилата за картелско здружување и ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот.
„Приодот на новиот претседател Чејс Кери донесе нова култура на транспарентност во спортот и се покажа дека тие се подготвеки да разговараат за основите како распределбата на парите, контрола на трошоците и правилата за моторите. Охрабрени сме дека ќе добиеме фер-приод“, се вели во соопштението на двата тима.
Неизвесноста во спортот само што започнува бидејќи ткн. „Конкорд договор“ меѓу тимовите, сопствениците и ФИА завршува на крајот на 2020 година. Од Ферари уште сега се заканија дека ќе заминат од спортот доколку не им се допаѓа насоката во која се движи спортот. Мекларен, Ферари, Мерцедес, Вилијамс и Ред бул за разлика од помалите тимови имаат „бонус исплата“ за нивните перформанси во минатото и се дел о ткн. „Стратешка група“ на Ф1.