Пол Погба мора да биде далеку попостојан на фудбалските терени за да „заработи“ трансфер во Реал Мадрид, вели неговиот поранешен соиграч од Манчестер јунајтед, Андер Ерера, кој додава дека Французинот не го исполнил својот потенцијал.
Погба се врати на „Олд Трафорд“ во 2016 за 100 милиони евра од Јувентус, но околу него постојано има шпекулации дека сака да замине, а беше и на удар на критиките за просечните игри во дресот на „ѓаволите“.
Ерера, кој сега игра во Пари Сен-Жермен, вели дека не верува дека Реал Мадрид ќе тргне по неговиот поранешен соиграч додека тој не ја покаже својата најдобра форма подолго време.
„Како фудбалер, Пол има речиси сè – знае да ги помине противниците, да ја врати топката, добар е во воздух, агресивен, постигнува голови, но во Манчестер имаше многу променлива форма. Играше мечеви во кои тој беше клучен, но во други го немаше никаде. За играч со таа цена мораш да си постојано одличен. Тогаш ќе го сакаат Мадрид и сите големи клубови. Меѓутоа, истото е и со Килијан Мбапе и Нејмар, тој е во еден од најдобрите клубови на светот и тешко е да замине“, вели Ерера во интервју за „АС“.