Биатлонецот Јаков Фак, кој претходно настапуваше за Хрватска, а сега е Словенец, е еден од кандидатите да го носи знамето на Словенија на отварањето на ЗОИ во Пјеонгчанг, идеја која не им се допаѓа на словенечките навивачи.
Словенија ќе го објави носителот на „трибарвницата“ во понеделник преку Фејсбук и во директен ТВ-пренос, а засега предложени се и нордиската скијачка Весна Фабјан и хокеарот Митја Робар. Фак, по негативните реакции на јавноста сам се откажа од номинацијата, по што следеше реакција на Словенечкиот олимписки комитет.
„Со загриженост и огорченост ги следиме реакциие на спортската јавност и на дел од медиумите околу кандидатурата на Јаков Фак. Се работи за спортист од глава до пета и човек со силен морален интегритет. Спортот треба да обединува, а не да разделува“, се вели во соопштението.
Фак е роден во Риека и беше носител на хрватското знаме на отварањето на Олимпијадата во Ванкувер во 2010 година, по што освои бронзен медал во трката на 10 километри.
Фак има осум победи од Светскиот куп во биатлон, а за Словенија освои две злата на Светските првенства – на 20 километри во 2012 година и на 15 километри во 2015 година.