Поранешниот светски шампион Најџел Менсел признава дека застрашувачката глетка од страшниот фатален судир на Жил Вилнев во Цолдер уште го прогонува.
Канаѓанецот Вилнев, инаку татко на подоцнежниот шампион Жак Вилнев, загина на квалификациите на Белгиското ГП откако неговиот болид „летна“ по удирот одзади на болидот на Јохен Мас.
Менсел беше зад Вилнев во текот на инцидентот и призна дека видел сè и дека моментот ќе остане со него до крајот на животот.
„Во тие денови во Ф1 луѓето гинеа постојано и тоа сериозно влијаеше на твојата психа. Му бев пријател на Жил и станавме доста блиски и тој секогаш ми даваше добри совети. Никогаш нема да ја заборавам трагедијата во Цолдер, додека сум жив. Бев зад него и видов што се случи, го видов болидот како летнува и паѓа и како тој излетува од болидот во оградата. Се сеќавам дека веднаш помислив дека нема шанси да останал жив. Тоа останува најшокантното нешто што сум го видел. Бев вознемирен и уште сум. Во 80-тите и 90-тите Формула 1 беше сериозна опасност. Ако не загиневте, постоеше шанса за сериозни повреди со бариерите до работ на патеките. Никогаш не знаевте што ќе се случи следно“, вели Менсел.