Легендарниот капитен на една од најславните генерации во историјата на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, жестоко ги критикувал голманот Давид Де Хеа, најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот Хари Мегваер и левиот бек Лук Шо поради голот што го примија „црвените ѓаволи“ на натпреварот со Тотенхем.
Тотенхем и Манчестер Јунајтед синоќа одиграа 1:1. Слаломот на Бергвајн крај Мегваер и Шо во 37 минута и лошата реакција на Де Хема му донесе водство на Тотенхем во 37 минута. Конечниот резултат го постави Бруно Фернандеш од пенал во 81 минута.
„Шокиран сум поради начинот на кој го примија голот, шокиран! Со години гледам фудбал, да се прими гол на таков начин…Немам зборови. Не можам да верувам. Погледнете што правеше Шо, а Мегваер. Репрезентативец не може да реагира на тој начин. А голманот, мака ми е од него“, рекол Кин во анализата на натпреварот и продолжил.
„Би го истепал голманот во полувремето. Би го удирал со тупаници. За еден репрезентативец оној шут требаше да биде лесна одбрана“.
На крајот Кин испратил јасна порака.
„Тие тројца не би ги пуштил да влезат во автобусот. Нека си земат такси до Манчестер. Сите тие се репрезентативци, а погледнете како реагираа. Ние се бориме за Топ 4, не дај боже да помислиме на некој трофеј. Мака мие од нив. Би требало да се срамат“, заклучил поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед.
Манчестер Јунајтед се петти на табелата со 46 поени, во наредното коло, на 24 јуни, ќе го пречекаат Шефилд Јунајтед.