Доаѓа капитал од Блискиот исток, кој може да ги промени актуелните случувања во францускиот фудбал.
Информациите се дека во новиот проект за обнова на Олимпик Марсеј ќе бидат вложени 700 милиони евра, пари кои ќе бидат употребени за да се создаде жесток конкурент на ПСЖ за шампионската титула.
Француските медиуми пишуваат дека сопственикот на рагби клубот Тулон, Мурад Буџелал е заинтересиран да го купи клубот од „Велодром“. Проектот би го финансирал со група приватни и државни компании од Блискиот исток под водство на истакнат француски бизнисмен, роден во Тунис.
„Фигаро“ открива дека за купување на клубот ќе бидат потрошени 300 милиони евра, за враќање на насобраните долгови ќе требаат околу 200 милиони евра, а преостанатите 200 милиони би биле вложени во претстојниот преоден рок.
Буџелал првично беше заинтересиран за купување на фудбалскиот клуб Тулон, но преговорите со тамошниот претседател се закомплицирале.
За тоа во каква агонија се наоѓа Марсеј доволно говори фактот што ПСЖ триумфираше на 17 од последните 20 меча, а 3 меча завршија нерешено. Последен пат Марсеј славеше против „светците“ од Париз во април 2012 година.