Давид Шумахер имаше успешен старт на својата тркачка кариера, откако оствари четири пласмани на подиумот на Формула 4 трките во Обединетите Арапски Емирати.
16-годишниот син на Ралф Шумахер и внук на Михаел Шумахер, имаше три втори места и едно трето место во четирите трки во Абу Даби, пред минатиот викенд да ја оствари првата победа во Ф4УАЕ шампионатот.
„Тоа беше тежок викенд, но станувам многу подобар со секоја наредна трка“, изјави тинејџерот.
Неговиот татко, поранешниот возач на Вилијамс, Ралф Шумахер вели дека родителската гордост е огромна.
„Тој уште учи, но како татко навистина сум горд што успеа да победи и што избегна инциденти на патеката. Тука треба да добие искуство, така што уште е рано да зборуваме за било што. Натпреварувањата во Европа ќе бидат многу потешки“, вели Ралф, кој во кариерата стигна до шест победи во Ф1.