Најтиражниот спортски медиум во Шпанија „Марка“ пишува дека одлуката на тренерот на Барселона Кике Сетиен да го внесе во игра Антоан Гризман во 90 минута на натпреварот против Атлетико е понижувачка за светскиот првак со Франција во 2018 година.
Барселона синоќа против поранешниот клуб на Гризман одигра 2:2. Шансите на Барселона да ја одбрани титулата по ова реми сега се во доменот на теорија.
Гризман на последните четири натпревар само еднаш беше во стартниот состав на Кике Сетиен.
„Прашање е дали Сетиен ги знае основните работи, бидејќи до 85 минута немаше план да го засили нападот. Дури тогаш стави во игра уште еден напаѓач. Тоа не беше Гризман туку 17 годишниот Ансу Фати. Третманот што го има Гризман во Барселона е за плачење. Во игра влезе во 90 минута“, пишува „Марка“.
Гризман на „Ноу Камп“ пристигна минатото лето од Атлетико за 120 милиони евра. Одлуката на колегата Сетиен да го внесе во игра францускиот напаѓач во 90 минута тренерот на Атлетико Диего Симеоне не сакаше да ја коментира.