Top Sport

Премиерлигашите го срушија рекордот, потрошија 430 милиони фунти!

Во англиската Премиер лига се заработува многу, но и се троши многу – тимовите потрошија рекордни 1.9 милијарди фунти оваа сезона, 500 милиони повеќе од 2016/17, стои во анализата на „Делоит“.

Само во јануарскиот преоден рок, англиските клубови потрошија 430 милиони фунти, речиси двојно од претходниот рекорд од 225 милиони фунти, а само во последниот ден се потрошија 150 милиони фунти.

„Клубовите од Премиер лигата ја искористија шансата да ги освежат своите клубови во јануари пред одлучувачкиот дел од сезоната. Интернационалниот пазар покажа фантастичен раст со 260 милиони фунти потрошени, но и рекордни 185 милиони фунти приход, преку продажбата на ѕвездите како Кутињо и Коста“, изјави Ден Џонс од „Делоит“.

Филип Кутињо замина од Ливерпул во Барселона по пет сезони на „Енфилд“, додека Диего Коста си замина од Челси за Атлетико Мадрид.

Ливерпул го остварија најскапиот трансфер овој месец со Виргил ван Дајк за 75 милиони фунти од Саутемптон, Манчестер сити дадоа 57 милиони фунти за дефанзивецот од Атлетик Билбао, Ајмерик Лапорт, додека блиску беа и Арсенал со трансфер од 56 милиони фунти за Пјер-Емерик Обамејанг од Борусија Дортмунд.

Иако зимскиот преоден рок обично носи трошење од нископласираните во лигата во обид да се спасат од испаѓање, речиси 2/3 од трансферите во јануари беа на најдобрите шест во Премиер лигата.

„Очигледно конкуренцијата на врвот е порасната, а сега следуваат и европските битки, така што најдобрите се откажаа од стратегијата да чекаат за големи трансфери на лето“, оценува Џонс.

Scroll to Top