Шпанскиот тим на Мајорка каде настапува македонскит фудбалски репрезентативец, Александар Трајковски следната сезона ќе настапува во втората шпанска лига. Вечерва Мајорка на домашен терен доживеа пораз од Гранада со 2-1 и дефинитивно ги загуби шансите за опстанок во Лигата.
Неизвесно ќе биде во последното коло за тоа кој ќе биде третиот патник во Сегунда, покрај отпишаните Мајорка и Еспањол.
Леганес има 35 бода, 1 помалку од Селта која е над линијата што значи опстанок во Ла Лига.
Селта загуби на домашен терен во Виго со 2-3 од Леванте на нашиот Барди (тој ги постигна првите два гола), додека Леганес остана „во живот“ до последното коло откако на „Сан Мамеш“ во Билбао со 2-0 го совлада Атлетик.
Интересна е и борбата за излез во фудбалска Европа, поточно во Лига Европа.
Во моментов, Вилјареал е петти со 57 бода, два повеќе од шестопласираниот Реал Сосиедад, седми на табелата е Хетафе со 54 бода, Валенсија и Гранада се со по 53.
Ова се сите денешни резултати во претпоследното коло од Ла Лига.
Еибар – Валјадолид 3-1, Атлетик – Леганес 0-2, Барселона – Осасуна 1-2, Бетис – Алавес 1-2, Селта – Леванте 2-3, Хетафе – Атлетико (М) 0-2, Мајорка – Гранада 1-2, Реал Мадрид – Вилјареал 2-1, Реал Сосиедад – Севилја 0-0 и Валенсија – Еспањол 1-0.