Втората светска тенисерка во моментов, Романката Симона Халеп денеска се повлече од турнирот во Палермо поради тоа што би морала да оди во карантин при доаѓањето во Италија.
„Со оглед на зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот во Романија и мојата загриженост за превозот во овој момент, одлучив да се повлечам. Му благодарам на организаторот за повикот“ напиша Халеп на социјалните мрежи.
Тенискиот турнир во Палермо е предвидено да се одржи од 3 до 9 август.
Одлуката на Халеп следува по уредбата која во петокот ја потпиша италијанскиот министер за здравство, а се однесува на тоа сите државјани на Романија и Бугарија кои доаѓаат во Италија да мора да бидат во карантин.
„Жалиме навистина, поради тоа што Симона нема да учествува. Разочарани сме“ изјави директорот на турнирот, Оливиеро Палма.