Поранешните шампиони на Отвореното тениско првенство на САД, Енди Мареј и Ким Клајстерс денеска добија специјални покани за овогодинешното издание на тенискиот грен слем.
Тениската асоцијација на САД подели 2 специјални покани во поединечна конкуренција, а двете отидоа токму во рацете на Мареј и Клајстерс.
Белгиската тенисерка која годинава се врати од „пензија“ досега САД опен го освојуваше трипати, во 2005, 2009 и 2010 година. Ова за неа ќе биде прв настап на еден грен слем турнир по поразот во второто коло на Флешинг Медоуз во 2012-та година.
Мареј, пак, некогашниот прв тениски рекет во светот, својата прва од вкупно трите грен слем титули ја освои токму на САД опен, во 2012-та година. Тој се враќа на теренот по две операции на колкот, а меч од натпреварувачки карактер нема одиграно од ноември минатата година, кога настапи на Дејвис купот.
Отвореното првенство на САД на програмата е од 31 август до 12 септември.