Раководството на Арсенал доби интересен предлог од поранешниот англиски репрезентативец Пол Мерсон. Тој смета дека Арсенал треба да го нагажира Антонио Конте, доколку Италијанецот замине од Челси.
„Да сум во Арсенал на денот кога Конте ќе го напушти Челси веднаш би го земал телефонот. Менаџери каков што е Конте не доаѓаат често. На Арсенал му е потребен некој како него. Не можат стално да ги испуштаат шансите да добијат врвен менаџер. Мислите дека Пеп Гвардиола не би сакал да работи во Арсенал?“, се прашува Мерсон.
Поранешниот играч на Арсенал смета дека само Арсен Венгер е виновен за лошите резултати на клубот.
„Јирген Клоп, Жозе Мурињо, Пеп Гвардиола. Сите тие ги презедоа ривалските клубови бидејќи Венгер мирно си седи во менаџерската столица, наместо да стане и да замине. Има тука уште неколку менаџери каков што е Макс Алегри. Сепак сметам дека него ќе му биде потребно малку време да се адаптира во Англија“, завршил Мерсон.
Пол Мерсон во периодот од 1985 до 1997 година одиграл 327 натпревари и постигнал 78 гола за Арсенал. Со клубот од северен Лондон два пати ја освојувал Премиерлигата, а има и по еден трофеј од Лига купот, ФА купот и поранешниот КПК.