Макс Ферстапен верува дека неговиот тим Ред бул би бил доминантната сила во Ф1 доколку ги имал моторите на ривалите од Мерцедес.
Ред бул рејсинг стигна до четири титули во низа со францускиот производител Рено од 2010 до 2013 година со Себастијан Фетел зад воланот, но оттогаш Мерцедес има четири трофеи – три со Луис Хамилтон и една со Нико Розберг.
Ферстапен вели дека шасијата на Ред бул е „многу добра“ и дека им е потребен само посилен мотор.
„Мислам дека ако имавме мотор на Мерцедес одзади, никогаш немаа да не видат. Рено има добар мотор, но не во иста категорија како Мерцедес и Ферари минатата сезона. Мислам дека полека ги решаваат проблемите“, вели Ферстапен во интервју за „Аутоспорт“.
Најавите пред 2017 велеа дека тимот очекува да се бори за титулата, но, наместо тоа го загуби второто место за Ферари, иако победи на три трки – Даниел Рикјардо во Азербејџан и Ферстапен во Малезија и Мексико во финишот на сезоната.
„Мислевме дека со дизајн со ниска потисна сила ќе добиеме предност, но поради некоја причина тоа не функционираше. Можеби бевме преголеми оптимисти“, објаснува Холанѓанецот.