Поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Дејан Ловрен признава дека се „извлекол“ од тимскиот хотел за да го прослави освојувањето на титулата од Премиер лигата со навивачите пред „Енфилд“ и покрај правилата за изолација во англискиот фудбал.
По 2:1 победата на Челси над Манчестер сити, Ливерпул беа потврдени како шампиони на седум кола пред крајот на лигата, а фудбалерите имале забава во хотелот до полноќ бидејќи клубот им забранил да одат кај фановите.
„Направив нешто за што малку луѓе знаат. По мечот, многу фанови се појавија на стадионот и имаше голема забава. Ни кажаа да не се доближуваме до хотелот бидејќи ќе имаме проблеми, но јас не сакав да одам на спиење, туку со автомобил отидов до ’Енфилд’. Имам видео со маска пред ’Енфилд’. Имаше десетина илјади луѓе и морав да го почувствувам тоа. Воопшто не жалам. Имав маска и малкумина ме познаа. Адријан не ми веруваше дека сум бил таму, но му докажав со видео“, вели 31-годишниот Хрват, кој замина во Зенит Санкт Петерсбург по крајот на сезоната.