Себастијан Фетел беше напаѓан на почетокот на сезоната поради неговите грешки и потоа фален за тоа што беше прогласен за возач на денот во Барселона, и неговиот стар пријател и ривал Кими Раиконен му порача дека „работите се такви“ посебно со италијанските медиуми.
Раиконен добро знае како е да живееш како возач на Ферари, возејќи за италијанскиот тим од 2007 до 2009 и потоа од 2014 до 2018. Во овој период, тој беше херој во Ферари кога ја освои титулата во 2007 година (последна за Ферари), но и беше „злосторник“ во приказната откако тогашниот претседател на тимот, Лука ди Монтеѕемоло изјави дека тој не е мотивиран и ја откупи последната година од неговиот договор во 2010.
Во вториот настап за Ферари, тој беше партнер на Фернандо Алонсо една сезона, пред да му биде поддршка на Фетел до 2018, кога замина во Алфа Ромео.
„Никогаш не ми било поинаку отколку во другите тимови. Ако ги читаш сите весници, можеби ќе се чувствуваш полошо, но јас никогаш не сум го гледал тоа. Понекогаш ти оди лошо, а Италијанците секогаш се строги кон тебе, но таква е работата. Лесно е да се пишуваат работи кога не оди добро. Знам дека Себастијан не е многу среќен во моментов, но мора да го прифати тоа. Ферари е Ферари и луѓето го гледаат тоа, посебно Италијанците“, вели Раиконен.
И светскиот шампион Луис Хамилтон неодамна го бранеше Фетел.
„Сите треба да ја разберат ситуацијата во која се наоѓа Себ. Не е добро чувство кога ќе ви кажат дека не ве сакаат иако секогаш си давал максимум за својот тим. Мислам дека тој постојано оди до максимум, се обидува да помогне на тимот и тоа го покажува неговиот карактер и посветеноста кон тркањето. Сакам да му се случат позитивни работи“, изјави Хамилтон.