Хајдук и Динамо одиграа супер-интересен меч, кој заврши со 2:2 по драматичните три гола во последните пет минути на натпреварот, два на гостите од Загреб за целосен пресврт, и контроверзен гол од пенал во финишот за Хајдук.
На полниот „Пољуд“, сè беше подготвено за славје откако Анте Херцег со гол во 39. минута донесе водство за Хајдук, меѓутоа во второто полувреме гостите „притиснаа“ кон голот на Стипица и по многубројни пропуштени шанси, во финишот на натпреварот падна концентрацијата на одбраната на Хајдук и „Модрите“ постигнаа два гола преку Бенковиќ и Енрикес.
Сепак, Ерцег во 94. минута од натпреварот повторно ги спаси сплиќани со постигнат гол од пенал.
Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми полека си го зазема своето место во тимот, откако влезе како замена во второто полувреме.
По 13 одиграни кола во шампионатот, Динамо е прв на табелата со 31 поен (9 победи и 4 ремија), шест повеќе од актуелниот шампион Риека, а Хајдук е трет и заостанува седум поени.
На висина на „задачата“ беа и „Торцида“ и „Бед блу бојс“, навивачките групи кои придонесоа за наелектризирана вечерна атмосфера во Сплит.