Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Фернандо Торес се јави на годишнината од крајот на неговата кариера, признавајќи дека уште се навикнува на „новата реалност“, и во исто време уште еднаш се потсети на првата лигашка титула на „црвените“ по 30 години.
Торес помина четири години на „Енфилд“ во најдобрите денови од неговата кариера пристигнувајќи од Атлетико Мадрид во 2007 година, пред лани да ја заврши кариерата како фудбалер на јапонскиот Саган Тосу. Шпанецот кој постигна 81 гол во 142 меча за Ливерпул, остана навивач на својот тим.
„Денеска помина една година од моето пензионирање од фудбалот, а додека играв не сфаќав како времето лета. Сега се навикнувам на новата реалност, дека не сум фудбалер и дека сакам да станам тренер. Во исто време ја прославував титулата на мојот сакан Ливерпул по 30 години чекање иако за жал тоа беше остварено без навивачи на трибините“, пишува Торес.