Top Sport

„Инцидентен тип, Брозовиќ мора да замине од Интер“

Најтиражниот италијански спортски весник „Газета дело Спорт“ одвои простор за фудбалерот на Интер Марцело Брозовиќ. Хрватот пет сезони го носи дресот на Интер, а во последно време во медиумите е присутен поради работи кои немаат врска со фудбалот.

„Газета дело Спорт“ пишува дека со инцидентите што ги предизвикал го навлекол гневот на челниците на Интер и дека клубот ќе го продаде во преодниот рок.

„Впечатокот е дека Брозовиќ е еден од многуте фудбалери кои со инцидентите што ги прават си го трошат талентот. Колку и да е добар Брозовиќ на теренот не правеше толкава разлика со што би ги натерал оние кои му даваат плата да замижат на инцидентите што ги прави надвор од фудбалскиот терен. Такви изливи на лудило имаше премногу. Поради тоа Брозовиќ мора да ги пакува куферите“, пишува во текстот на „Газета дело Спорт“.

Понатаму новинарот посочува дека доколку ја „среди главата“ Брозовиќ може да стане врвен фудбалер.

„Доколку созрее ќе биде светска класа. Количината на глупостите што ги направи покажуваат дека не созреал“.

Интер би го продале Брозовиќ за 50.000.000 евра, а според италијанските медиуми веќе ги започнале преговорите со Баерн Минхен.

Scroll to Top