Арсенал и Милан ги „преживеаја“ добро незгодните гостувања кај аутсајдерите во шестнаесетфиналето на Лигата на Европа, откако „топчиите“ немаа проблеми против шведското изненадување Остерсундс, победувајќи со 3:0, додека Милан на гостувањето во Бугарија со идентични 3:0 го совлада шампионот Лудогорец.
Остерсундс, тимот кој од четвртата лига стигна до најдобрите 32 во Лигата на Европа, ги пречека Арсенал во „срцето“ на Шведска, но не успеа да издржи многу , кога уште во 14. минута Монреал ги донесе гостите во водство. Во 24. минута Остерсундс со автогол си ја влоши ситуацијата, пред Озил во 58. минута да го постави тимот од северен Лондон на добар пат до осминафиналето.
Слично гостување имаа и „препородените“ Милан, кои во Бугарија стигнаа до рутинска победа. Патрик Кутроне во финишот на првото полувреме во Разград избегна офсајд ситуација за да донесе водство на тимот на Џенаро Гатузо. Во 64. минута Педро Родригез од пенал зголеми на 0:2 за безгрижен реванш на „Сан Сиро“, пред Фабио Борини во 93. минута да го постави конечниот резултат.
Борусија Дортмунд и Аталанта одиграа вистински трилер во Германија, кој заврши со 3:2. Борусија поведе по половина час преку Ширле, а потоа Словенецот Јосип Иличиќ со два гола за пет минути на почетокот на второто полувреме донесе водство за Аталанта, кои претходно ги елиминираа Евертон.
Мичи Батшуаи и во третиот натпревар за Борусија по „позајмицата“ од Челси се запиша во листата на стрелците и тоа двапати – прво со прекрасен гол во 65. минута за 2:2, по што Белгиецот го реши мечот во 91. минута по притисокот на германскиот клуб.
ЛИГА ЕВРОПА, 1/16 ФИНАЛЕ
Борусија Дортмунд – Аталанта 3:2
Лудогорец – Милан 0:3
Марсеј – Брага 3:0
Ница – Локомотив Москва 2:3
Остерсундс – Арсенал 0:3
Реал Сосиедад – Салцбург 2:2
Спортинг Москва – Атлетик Билбао 1:3