Фудбалерите на Слован од Братислава се исфрлени од квалификации во Лигата на шампионите поради погрешно направен тест на коронавирусот.
Шампионите на Словачка во првото коло требаа да гостуваат на Фарските острови. Тестовите направени таму покажале дека тренерот задолжен за физичката подготвеност на играчите е заразен со коронавирусот.
Според законот на Фарските острови сите членови на тимот мораа да останат во самоизолација. Натпреварот требаше да се одигра на 19 август, потоа УЕФА го одложи за 21 август, но локалните власти го ставија целиот тим во карантин во Торшван.
Доколку Словаците излезеа на теренот целата експедиција ќе завршеше во затвор. Бидејќи мечот не се одигра УЕФА го регистрираше со службен резултат 3:0 за домашниот тим.
Тренерот на Слован остана две недели во карантин на Фарските острови, иако немал никакви симптоми. Кога се вратил во Словачка се тестирал, а резултатите покажале дека немал анти-тела, што значи дека воопшто не бил заразен со Ковид-19.
„Тестот на анти-тела покажува дали лицето кое немало симптоми било заразено со вирусот. Свесни сме дека овој факт нема да ја смени одлуката на УЕФА, но оваа важна информација моравме да ја објавиме. Чувствуваме дека сме тешко оштетени. Разочарани сме и тажни бидејќи неоправдано останавме без можноста да се бориме за пласман во Лигата на шампионите“, објави клубот од Братислава.
Од Слован најавија тужба против УЕФА пред Судот за спортска арбитража во Лозана, но Судот веќе објави дека нема да го разгледа овој случај.
Во меѓувреме Клаксвик е елиминиран во второто коло од Јанг Бојс со 3:1.