Зинедин Зидан и управата на Реал Мадрид сакаат да му најдат клуб на Лука Јовиќ каде што би го пратиле српскиот напаѓач на позајмица пред крајот на преодниот рок следниот месец, бидејќи Зидан не планира на него во новата сезона, јавува „АС“.
Српскиот напаѓач беше донесен како големо засилување од Ајнтрахт Франкфурт, но имаше само четири настапи во Ла лига во 2019/20, постигнувајќи еден гол, а покрај тоа беше фатен во контроверзи со прекршувањето на правилата за карантин во Србија, по што се врати повреден на тренинзи со клубот.
Милан беа меѓу најзаинтересираните за 22-годишниот Јовиќ, а дополнителен плус се добрите односи меѓу двата клуба, откако италијанскиот клуб го доби на позајмица и Брахим Дијаз оваа сезона, додека лани го добија на постојан трансфер Тео Ернандез.
Ако Јовиќ замине, Зидан е подготвен да му даде неочекувана шанса на Борха Мајорал, иако тој е поврзуван со повеќе шпански клубови, но Реал не го дава под 15 милиони евра и процент од следните продажби.