Двата теста пред стартот на Мото ГП сезоната покажаа дека Јамаха е далеку од борбата за титула, признава ветеранот Валентино Роси, но и неговиот колега Маверик Вињалес.
Деветкратниот шампион во сите категории, Роси, кој минатата недела наполни 39 години, беше 12. во комбиниран пласман во Тајланд, а неговиот колега осми. Вињалес беше седми, а Роси деветти на претходниот тест во Малезија.
„Тестот беше многу тежок и страдаме во моментов. Мораме да направиме многу голем напредок, бидејќи немаме големи смени од минатата година. Посебно со електрониката заостануваме многу зад најдобрите тимови“, вели разочараниот Роси.
Вињалес, кој лани беше третопласиран во генерален пласман, вели дека ривалите Хонда и Дукати се многу побрзи во моментов, иако „основата“ на мотоциклот е солидна како што покажа Французинот Жоан Зарко со второто најдобро време во Тајланд со Тех 3 Јамаха.
„Тоа е ситуацијата денеска. Можеби во Катар ќе бидеме подобри“, вели Вињалес.