Роберт Кубица вели дека бил „речиси сигурен“ дека ќе биде на стартот на Австралиското ГП следниот месец, откако не успеа да го обезбеди второто место во тимот на Вилијамс покрај Ленс Строл од рускиот дебитант Сергеј Сироткин.
Кубица и Сироткин тестираа во Абу Даби на крајот на минатата година, во „пресметка“ за местото, и Русинот ја доби шансата поради неговите богати спонзори. Кубица прифати да има улога на резервен возач и возач за развој, и ќе биде дел од тест-сесиите на тимот, но уште не се откажува од надежите за кам-бек.
„Следните седум, осум, девет месеци можат да ме донесат поблиску до враќањето во Формула 1. Навистина не знам колку бев блиску во тој момент, но веќе тоа не е важно. Секогаш сакам да имам мали очекувања, но во одреден дел од годината бев речиси сигурен дека ќе се тркам оваа година“, вели Кубица во интервју за полскиот весник „Пржеглад спортови“.
Тој признава дека нема да му биде сеедно на трките оваа сезона, кога ќе биде дел од тимот (за петочните тренинзи), а нема да се трка.
„Да бидам искрен, не верувам дека тоа ќе биде убав момент за мене. Да се гледаат како другите возачи се тркаат нема да биде убаво, но вреди да се издржи за да се вратам целосно во Ф1. Ова е само дел од долгиот пат кој го изодев досега и среќен сум што сум во оваа позиција“, вели Кубица.