Ветеранот на Манчестер јунајтед, Хуан Мата вели дека направил „телепатско“ разбирање со бруно Фернандеш, бидејќи им е потребен само еден поглед на фудбалскиот терен за да сфатат што размислува другиот.
32-годишниот Мата имаше одличен меч при 4:1 победата над Њукасл и вели дека партнерството со Фернандеш може да биде „опасно“ ако им се даде шанса да играат заедно.
„Уживам да играм со Бруно и такви фудбалери, бидејќи мислам дека го разбираме фудбалот на ист начин. Двајцата сакаме да играме со простори и движење за место, за креирање можности за напаѓачите. Навистина се разбираме добро. Со само еден поглед, знаеме каде ќе оди топката, каде сакаме да бидеме. Секако, не функционира секогаш, но ако играме заедно подолго ќе имаме телепатска врска“, вели Мата.
Мата не беше дел од тимот кој со 2:1 го победи Пари Сен-Жермен во вторникот, но може да има камбек против својот поранешен клуб Челси на „Олд Трафорд“ во сабота.
„Секогаш е посебно да се игра против Челси. Имам многу пријатели таму, го познавам Френк Лампард, бидејќи бевме соиграчи. Знам колку добар менаџер е. Ќе биде тешко, бидејќи имаат нови засилувања, така што мораме да бидеме на највисоко ниво, како против Њукасл и ПСЖ“, објаснува Шпанецот.