Зинедин Зидан утре го носи Реал Мадрид на „Ноу Камп“ за првото „Ел класико“ во 2020/21 со многу главоболки и можеби првпат со закана за неговата работа во „кралскиот“ клуб по поразите од Кадиз и Шахтјор во изминатата недела.
Францускиот тренер ќе се обиде да ги мотивира своите играчи по напорниот распоред без засилувања во текот на летото, но мора да биде охрабрен од фактот што ниту еднаш во пет меча не загубил на гостувањето во Каталонија, скор со кој малку поранешни тренери на Реал можат да се пофалат.
Зидан девет пати играл против Барселона како тренер и загубил двапати, но двата пати на „Сантијаго Бернабеу“, а скорот од 4-3-2 го прави посебно незгоден за Каталонците.
Неговото прво „Класико“ како тренер беше за сеќавање – на „Ноу Камп“ на 2 април 2016 ја прекина низата на Барса од 39 победнички меча и се одмазди за 4:0 поразот кој го доживеа Рафаел Бенитез во претходниот меч. „Лос бланкос“ беа со играч помалку по црвениот картон на Серхио Рамос, но Кристијано Роналдо беше во нападот.
На 3 декември таа година, Рамос постигна гол во последната минута за 1:1 реми, со кое Мадрид ја заддржа предноста од шест поени. Сезоната 2017/18 почна со Суперкупот на Шпанија – дома победија со 3:1 со два гола на Кристијано Роналдо. Таа сезона тие одиграа 2:2 реми во последното „Класико“ на Андрес Иниеста, а во декември 2019 година се одигра разочарувачко 0:0 реми.