Петр Чех и на 38 години инсистира дека е 100 отсто подготвен и дека ако е потребно може да застане меѓу диреците за Челси откако изненадувачки беше вклучен во тимот на Челси во Премиер лигата, една година по неговото повлекување од спортот.
Поранешниот чешки репрезентативец играше во Хмел Блшани, Спарта Прага и Рен, пред во 2004 да дојде на „Стемфорд Бриџ“, каде што имаше над 300 настапи за Челси и освои 15 трофеи со нив, вклучувајќи четири Премиер лиги и една титула од Лигата на шампионите. Во 2015 тој замина во Арсенал, со кои освои и ФА титула, пред во 2019 да се пензионира и да стане технички советник во Челси, и беше клучен при ангажирањето на Едуар Менди од Рен за 22 милиони фунти.
Менди беше донесен како замена за нестабилниот Кепа Аризабалага, кој сега е трет избор зад Менди и Вили Кабалјеро, а Френк Лампард реши да го активира и Чех како „голман за итни случаи“. Чех вели дека е подготвен.
„Вистина е дека би било професионална грешка да ме вклучат ако не бев на ниво за Премиер лигата, но тука не работиме така. Знам дека сум 100 отсто подготвен ако бидам потребен. Фит сум, два месеци тренирам и квалитетот не е паднат. Ако има потреба, јас сум тука“, вели Чех.