Џејмс Харден, најсериозниот кандидат за МВП наградата, синоќа го предводеше својот тим со 25 поени до победата во „Стејплс центар“ над ЛА Клиперс 105:92. Со овој триумф Хјустон остана на лидерската позиција во НБА лигата со 48 победи и 13 порази. „Ракетите“ имаат пораз помалку од актуелниот првак Голден Стејт Вориорс.
Играчите на Хјустон сите дилеми околу победникот ги решија во првите 12 минути од натпреварот кога со фуриозна игра создадоа предност од 22 поени (12:34).
Во овој период на мечот се случи и моментот што се прераскажува во НБА круговите.
Имено, Харден најпрвин со дриблинг „му ги уништи зголобовите“, на Весли Џонсон, а откако го седна противникот на паркетот тој не шутираше, туку почека Џонсон да стане и да се обиде да го блокира и дури потоа погоди тројка.