Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф уште еднаш ја отфрли можноста Макс Ферстапен да се приклучи на „сребрената стрела“, бидејќи така би се создале непотребни тензии со шесткратниот светски шампион, Луис Хамилтон.
Со Хамилтон и Ферстапен, Мерцедес би го имале сигурно најсилниот возачки партнерски тим во спортот и Хамилтон, конечно, би добил вистински ривал, но Волф смета дека тоа е погрешна тактика, посебно по искуството кое го имаше Хамилтон со Нико Розберг.
„Макс не е опција за Мерцедес, тоа е сигурно. Никогаш не сфативме што точно се случи во односите меѓу Нико и Луис тогаш, но да не заборавиме тие имаа ривалство од јуниорските денови. Пријателството стана ривалство, а потоа и во отворено непријателство. Беше тешко да се носиш со тоа и иако имавме големи напори, непријателството остана. Затоа мислиме дека со Макс во тимот би имале непотребни ‘Ѕвездени војни’, нешто најлошо за секој тим“, вели Волф во интервју за австриската „ОРФ“.