Четирикратниот светски шампион Луис Хамилтон го предупреди својот колега од Мерцедес, Валтери Ботас дека оваа сезона нема да има веќе изговори за слабата форма.
По комплетирањето на првиот тест во Барселона, Хамилтон изјави дека не очекува 28-годишниот Финец да му предизвика повеќе проблеми оваа сезона, отколку во 2017.
„Не, но би го кажал тоа за сите возачи, така што немам ништо против Валтери. Тешко е да дојдеш во нов тим и да научиш како одат работите, но сега тој помина низ тој процес на учење. Веќе нема изговори“, вели Хамилтон.
Ботас беше замена за светскиот шампион од 2016 година, Нико Розберг, кој неочекувано се повлече по освојувањето на титулата. Тој победи трипати минатата сезона, но имаше пад во формата по летната пауза во август, пред да се врати во форма откако Хамилтон ја освои четвртата титула во Мексико. Финецот победи на последната трка од сезоната во Абу Даби од пол-позицијата, а првиот тест во Барселона го помина со повеќе километри од Хамилтон.
Бидејќи Ботас има само уште една сезона од својот договор, уште сега постојат кандидати за неговото место, иако голем плус е одличното согласување со Хамилтон.
„Тој беше одличен во финишот на минатата сезона и очекувам да биде во топ форма од почеток. Дали ќе биде поблиску до мене? Најверојатно. Морам да го претпоставам тоа“, додава Хамилтон.
Фото: ЕПА