Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ вели дека воопшто не размислувал за можноста дека нема да ја победи леукемијата.
Српскиот тренер доби дијагноза во јули 2019 година додека неговиот тим се подготвуваше за новата сезона, и по месеци хемотерапија и трансплантација на коскена срж, оздраве и се врати на клупата на италијанскиот клуб.
„Јас не сум од тие луѓе кои велат дека најважно е да се учествува. Не, јас секогаш сакам да победувам. Имав таков приод и кон оваа битка, со желба да се победи без разлика на пречките и во ниту еден момент не помислив дека ќе загубам. Си кажав: ‘Оваа битка нема да ја загубам, за мене и за семејството’“, вели Михајловиќ.
Тој признава дека во текот на својата фудбалска кариера бил личност која носи контроверзи и поделби и дека поради тоа бил изненаден од поддршката која ја добил од сите страни, дури и од ривалските навивачи.
„Тоа ми даде огромна сила бидејќи не очекував таква поддршка од сите страни, од обични луѓе, од славни луѓе, од фанови на сите стадиони каде што во минатото не бев најпопуларен. Со таа љубов, си кажав дека не можам да ги разочарам“, додава тренерот.