Александер Зверев, конечно, проговори за неговата разделба со тренерот Хуан Карлос Фереро, и ги отфрли шпекулациите дека негов нов тренер ќе биде германската тениска легенда, Борис Бекер.
Зверев работеше со Фереро од јули 2017 година, откако 20-годишниот Германец ја освои титулата од Мастерсот во Рим, и со новиот тренер стигна до втора Мастерс титула во Монтреал со победа над Роџер Федерер со која се искачи на четвртото место на АТП-листата.
Меѓутоа, Зверев не успеа одличната форма да ја пренесе на гренд слем турнирите, а на Австралија опен во јануари, Фереро влегол во конфликт со него и со остатокот на тимот.
„Мојот тим е ист само без Хуан Карлос. Имавме расправија во Австралија, и тоа беше ОК додека бев вклучен само јас. Се расправам и со другите членови на мојот тим и работиме добро. Но, кога тој реши да не ги почитува другите околу мене, знаев дека мораме да престанеме со работата“, вели Зверев.
Тој ги отфрли шпекулациите дека ќе работи со Борис Бекер, поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, кој сега работи како одговорен за машкиот тенис во Германската тениска федерација.
„Нема да работам со Борис и тоа е недоразбирање. Тој ќе биде на неколку мои турнири и секогаш е добредојден, но нема да ми е тренер“, додава Зверев.