Претседателот на Милан, Паоло Скарони го испофали спортскиот директор Паоло Малдини и призна дека сите кај „росонерите“ се на „седмо небо“ откако го создале најмладиот тим во Европа.
Милан, помалку неочекувано, се наоѓаат на првото место во Серија А со 20 поени од осум натпревари и Скарони вели дека управата е презадоволна од оствареното под водство на тренерот Стефано Пиоли и директорот Малдини во градење на релативно млад тим (со исклучокот на Златан Ибрахимовиќ).
„Тоа е големо задоволство, сите сме на седмо небо! Го имаме најмладиот тим во Европа и остваруваме неверојатни резултати. Сега пред нас се низа на тешки мечеви и имаме несреќни повреди, но клубот и навивачите можат да гледат кон иднината со голем оптимизам. Малдини, како сите мора да научи, бидејќи никој не се родил како добар менаџер. Но, Паоло, знае многу за фудбалот и бргу учи и други работи. Мислам дека имаме одличен човек на таа позиција“, вели Скарони.
Ова е целосен пресврт од ситуацијата од пролетта, кога се шпекулираше дека Малдини ќе го следи својот добар пријател Звонимир Бобан и ќе замине од клубот по шпекулациите дека тие сакаат да го донесат Германецот Ралф Рангник на позиција тренер и спортски директор. Наместо тоа, во клубот решија да му го продолжат договорот на Пиоли и да ја вложат довербата во Малдини.