Електронските спортови и гејмингот не се вистински спортови и нивната амбиција да станат олимписки спортови е апсурдна, вели претседателот на Германската фудбалска федерација (ДФБ), Рајнхард Гриндел.
„Еспортс“, конкурентното играње на видео-игри, зад себе имаат над 250 милиони играчи низ целиот свет, повеќе од мнозинството на традиционални олимпикси спортови, и според проценките пазарот е над милијарда долари годишно.
„Најголемата конкуренција на децата во фудбалот не е ракометот или кошарката, туку дигиталната опрема. Тоа е осиромашување на спортот. Спортот треба да има социјална функција и да се случува во заедницата. Со спортот имате директен контакт со вашите противници. Фудбалот треба да биде на зелениот терен и нема врска со компјутерите. За мене еспортот не е спорт“, вели Рајнхард во интервју за весникот „Весер куриер“.
ДФБ е најголемата фудбалска федерација на светот со 6.8 милиони регистрирани членови.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) во ноември реши да ги признае еспортовите како спортска активност, а тие ќе бидат дел од Азиските игри во 20122 година. На Олимпијадата во Пјонгчанг, американската компанија „Интел“, инаку еден од главните спонзори на Олимпијадите организираше турнир во еспортс во Јужна Кореја, една од земјите каде што видео-игрите се најраширени. Главната награда беше 150.000 долари, многу пати повеќе од тоа што ќе добијат повеќе олимписки шампиони од своите нации.
„За мене тоа е апсурдно. Се надевам дека нема да потклекнеме и тоа нема да се случи“, додава Рајнхард.
Фото: ЕПА