Еден Азар вели дека не би ја допрел топката доколку Челси играа против Манчестер сити три часа, зголемувајќи го притисокот на менаџерот Антонио Конте по неговиот конзервативен пристап во дербито со Сити.
Конте реши да го постави Азар на позицијата „лажна деветка“, и Челси воопшто немаа добар учинок против Сити, со 29 отсто посед на топката и ниту еден удар на голот при 1:0 поразот. Конте за ова беше критикуван од стручните коментатори во Британија како Гери Невил и Џејми Реднап, но самиот Конте изјави дека не бил „луд“ да игра отворено со Сити.
По поразот, Челси се на пет поени од четвртата позиција во Премиер лигата, последната која носи во Лигата на шампиони. И Азар, кој честопати беше поврзуван со трансфер во Реал Мадрид оваа сезона, очигледно не е задоволен.
„Немаше да ја допрам топката и да игравме три часа, иако бевме подобри во последните десетина минути. Бевме подобри со топката, но требаше да играме така цел меч. За мене лично, многу е тешко да се игра ако трипати ја допирам топката. Направивме погрешни избори и кога ја имавме топката во нозете“, оцени Азар.
Тој уште еднаш се пожали дека не е лесно тој да добива воздушни дуели со големи дефанзивци, и додава дека Мората или Жиру би биле поприкладни на тоа место.
„Се обидував да скокам, но не е лесно да се добие дуел со Николас Отаменди или Ајмерик Лапорт. Ако играа Мората или Жиру ќе беше полесно со долги топки. Го дадов максимумот, но не игравме добро“, вели 27-годишниот Белгиец.
Според „Дејли мејл“, Азар ќе направи сè ова лето да замине во Реал Мадрид, доколку нивниот интерес стане „конкретен“ ова лето. Тренерот на „Лос бланкос“, Зинедин Зидан е голем фан на Азар, но останува да се види дали Французинот ќе остане на чело на европскиот шампион.
Фото: ЕПА
Конте: Невил и Реднап се глупави и не знаат фудбалска тактика!