Top Sport

Меси станува „крал“ на слободните удари, „виновникот“ е Марадона? (видео)

Лионел Меси во движење е можеби најопасното оружје на Барселона и на аргентинската репрезентација, но во последно време, ѕвездата на Блауграна покажа дека е посебно убоит од слободните удари.

Во неделата, токму со совршен удар од 23 метри, Меси го совлада Јан Облак и Атлетико Мадрид со 1:0 за да се одвои од ривалите за титулата во Ла лига. Ова беше уште еден сензационален гол со кој Каталонците, кои немаат пораз оваа сезона, останаа на осум поени пред Атлетико, а уште подобро, се работеше за неговиот 600. гол во кариерата.

Покрај тоа, ова беше трет натпревар во низа во кој Меси постигна гол од слободен удар по дуелите со Џирона (6:1) и Лас Палмас (1:1). Против Џирона, 30-годишниот Аргентинец успеа да ги изненади сите со гол под живиот ѕид, а во четвртокот против Лас Палмас го погоди аголот, заобиколувајќи го живиот ѕид.

Голот против Атлетико беше негов петти гол од слободен удар во 2018 година, најмногу од сите играчи во Европа. Во февруари минатата година против Атлетик Билбао, Меси го сруши рекордот на клубот на Роналд Куман со 26 голови од слободен удар, а сега има веќе 33.

Меси има постигнато гол од слободен удар секоја година од 2008 година, тврди аргентинскиот фитнес-тренер на репрезентацијата, Фернандо Сињорини. Според него, клучен бил советот на тогашниот селектор, Диего Марадона по што Меси го сменил стилот. Во интервју за шпанската телевизија „Ла секста“, Сињорини открива дека Марадона забележал дека Меси се фрустрира со слободните удари.

„Марадона го гушна и му кажа: ‘Не можеш да ми кажеш дека ти, на патот да станеш најдобриот во историјата, ќе се вратиш во соблекувалната поради овие глупости’. Марадона му советуваше кога ќе удира, да не ја трга ногата толку бргу, бидејќи така топката не знае што тој сака. Мора да ја научи топката да го прави тоа што тој го посакува“, открива Сињорини.

Фото: ЕПА

Scroll to Top