Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека капитенот на неговиот тим, Џордан Хендерсон ја имал „најтешката работа во Англија“ – да го замени Стивен Џерард кај „Црвените“.
Хендерсон импресионираше при 2:0 победата над Њукасл во саботата, откако се покажа дека одлично функционира во партнерство со колегата од англиската репрезентација, Алекс Окслејд-Чембрлен. Џерард остави празнина во тимот кога си замина во ЛА Галакси во 2015 година, пред да се повлече од фудбалот една година подоцна, откако одигра 710 натпревари за Ливерпул и постигна 186 гола.
„Џордан знае што мислам за него и што мисли англискиот селектор Герет Саутгејт. Тоа е јасно. Затоа е капитен. Дали може да биде подобар? Да, бидејќи уште е млад. Против Њукасл ја контролираше играта, додаваше насекаде и беше трпелив и цврст. Тој ја има најтешката работа во Англија, го замени Стивен Џерард. Тоа не е убава работа. Се надевам дека луѓето веќе сфаќаат колку добар играч е тој“, вели Клоп.