Фановите на аргентинскиот клуб Алмиранте Браун, лути по лошите резултати по кои тимот се најде на дното на третата лига, пукале во куќата на претседателот на клубот, Антонио Аргенто, и му го запалија автомобилот, потврди локалната полиција.
Хулиганите се собрале пред куќата на Аргенто и го запалиле автомобилот во неговиот двор во неделата наутро, по 2:1 поразот од Сан Мигуел, нивни четврти пораз едноподруго. Со овој резултат, Алмиранте Браун се на дното на Примера Б Метрополитана со четири поени заостанување.
„Поради лошата форма добивавме закани преку социјалните мрежи, шеги и барања за наша оставка. Тоа беше во ред, но ова насилство е неприфатливо“, изјави Аргенто.
Полицијата потврди дека Аргенто го пријавил инцидентот, и додаде дека ова не е првпат тој да добива закани. Членовите на „бара брава“, насилните организирани навивачки групи претходно ги искршија сите прозорци на неговата куќа.